Изјава - Доделување на орден „Свети Никола“ |
Вторник, 18 Декември 2018 13:53 | |||
На почетокот дозволете ми да го честитам празникот „Свети Никола“ на сите граѓани на Општина Штип. Оваа година добитниците на годишните признанија се заслужни граѓани и организации кои придонесуваат кон градењето и зацврстувањето на општественото ткиво. Општина Штип знае да ги препознава но и да ги вреднува и цени оние личности и субјекти кои покажуваат со личен пример како се ценат и негуваат вистинските општествени вредности. Затоа ми претставува особена чест што како градночалник по втор пат имам можност да ги доделам овие признанија на овие заслужни личности. И годинава покажуваме доблест на таквите лица да им заблагодариме и да им оддадеме признание за нивните достигнувања и реални заслуги. Добитниците на годинешните признанија по повод Свети Никола се: - Штерјо Наков, почесен конзул на Република Романија во Република Македонија со седиште во Штип, стопанственик поддржувач и афирматор на Штип - Бранко Азески, почесен конзул на Црна Гора во Република Македонија со седиште во Штип, претседател на Стопанската комора на Р. Македонија - Пеком Инженеринг, дооел Штип, како општествено одговорна компанија. Тоа се граѓани и компанија кои даваат свој придонес за афирмација на Штип и на Република Македонија. Годинава одличјето Свети Никола му го доделуваме на нашиот истакнат сограѓанин, патриот и херој којшто во текот на многу турбулентни случување со свој личен пример покажа како се сака Република Македонија. Во 2001 година кога земјата ни крвареше, Генерал Стојанче Ангелов не се штедеше туку со храброст и пожртвуваност замина на боиштата во одбрана на татковината.
Генералот во сите изминати години жестоко се бореше за слободата дури и тогаш кога многу луѓе ја премолчуваа неправдата. Големината на овој човек е и во тоа што покрај сите премрежја низ кои поминал, тој е подготвен да подаде рака во знак на помирување. Токму таа негова одлучност за поддршка и личен влог за успехот на концептот на едно општество за сите, го прави Генерал Стојанче Ангелов да биде носител на орденот Свети Никола доделено вечерва од мене во име на граѓаните на општина Штип.
|