Македонската архитектура од традиционален карактер се гледа преку градбите во Штип. Историско - легендарното Ново Село ги чува трошните, но вредни куќи што денес имаат музејска вредност. На пат кон бањата Кежовица, на излезот од Штип, ваквата архитектура е најзабележителна. Ако се додаде галеријата на икони, духовното задоволство е комплетно во вечниот Штип. |
|
Штипската Саат - кула е споменик на културата од 17 век и е под заштита на државата. Штипјани ја знаат како Саат - кула, а таа е, всушност, Бегова кула. Историјата укажува дека кулата била изградена од турски бег, кој живеел во Штип, но неговото име не останало запишано. Тој ја направил кулата за да го заштити семејството во кризни времиња. На објектот имало и пушкарници и балкон, а еден век подоцна на кулата бил поставен и часовен механизам. Дел од кулата бил урнат во 1934 год. Според едни толкувања, уривањето било од безбедносни причини. Според други, тоа било резултат на немирот кај пошироката околина од силното отчукување на часовникот.
Според ракопис на еден од одржувачите на Саат - кулата, таа датира од 1650 година и е поврзана со легенда. Некој турски бег се заљубил во убавата штипјанка Анка. Сакал да ја потурчи и во тоа бил мошне упорен. Таа за да се ослободи од него, рекла дека ќе се потурчи, но тој за возврат на градот како сеќавање да остави убав спомен. На пример, една кула која ќе биде и градски саат. Анка мислела дека бегот ќе се откаже од нејзината љубов. Меѓутоа, Турчинот, бидејќи бил заљубен во убавата Анка, за сосема кусо време ја изградил кулата и ја одвел со себе младата Штипјанка. |
Џамијата Хуса Медин Паша е изградена на рид на левата страна од градот. Објектот е познат и како црквата Свети Илија бидејќи се верува дека е изградена на основите на древен христијански храм. Според легендата, џамијата била изградена во 17 век. Се верува дека црквата посветена на Свети Илија била изградена помеѓу 13 и 14 век. Веднаш до џамијата се наоѓа гробот на Хуса Медин Паша. |
Во центарот на Штип се наоѓа објект што по својата архитектура потсетува на средновековен исламски пазар. Се вика Безистен. Името потекнува од турски збор што во превод значи: пазар. Нема точни податоци за изградбата, но се претпоставува дека датира од времето помеѓу 16 и 17 век. Бил користен како пазарен центар за размена и продажба на разни стоки. Безистенот бил уништен во пожар за време на војната помеѓу Австрија и Турција. Безистенот е изграден од полн камен. Има правоаголна основа и три издвојувања во висина, од кои последната е куполата. Во внатрешноста има три простории и впечатлив свод, односно купола. Секој од ѕидовите има мали прозорци за да може во внатрешноста да влегува светлина. Денес објектот се користи за културни перформанси: изложби, промоции на книги, сликарски дела, мини-концерти и сл. |
Во дворот на црквата ,,Св. Богородица” во Ново Село се наоѓа училиштето во кое македонскиот револуционер Гоце Делчев работел како учител. Веднаш до училиштето е и куќата во која живеел во тоа време. Училиштето ,,Гоце Делчев” се реновира и во него ќе биде сместен Ректоратот на Универзитет „Гоце Делчев”. И покрај реконструкцијата, Гоцевото училиште ќе го задржи историскиот препознатлив изглед. На една од страните на училиштето (онаа што е свртена кон црквата) постои релјеф во чест на Гоце Делчев. |
|
|
|
<< Почеток < Пред 1 2 3 4 5 Следно > Крај >>
|
Страница 2 од 5 |