Усвоен буџетот на Општина Штип за 2018 година |
Четврток, 21 Декември 2017 13:05 | |||
На вчерашната седница на Советот на Општина штип, донесен е и буџетот на локалната самоуправа за идната година. Вкупниот буџет на Општина Штип за 2018 година е проектиран на сума од 942.425.000 денари, а основниот буџет изнесува 474.595.000 денари. Основната цел на буџетот е да ги намали непродуктивните трошоци и да обезбеди простор за реализација на политиките на новата локална власт. На тој начин ќе се обезбеди простор за мерки и проекти коишто ќе значат зајакнување на социјалната кохезија помеѓу граѓаните и зголемување на квалитетот на живот во нашата општина. Во буџетот за 2018 година предвидено е реализирање на мноштво капитални проекти. На пример, капиталните инвестиции, коишто се најважен дел за развојот на градот, се позиционирани 180.000.000 денари. - Успеавме да излобираме проектот Брана на река Отиња да влезе во Програмата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. По допроектирање на проектот, треба да започне изградба на оваа долгоочекувана инфраструктурна инвестиција.Гасификацијата е уште еден голем капитален проект за нашиот град. Во буџетот за 2018 година, издвоени се буџетски средства во висина од околу 6.000.000 денари за проектирање на основен проект за секундарната мрежа на градот Штип со сите фази. Работиме напорно за да можеме да започнеме со реализација и да ја пуштиме првата цевка за гасификација во нашиот град. Во изработката на буџетот, ставивме акцент на желбите и потребите на најмладите. Затоа, предвидена е изградба на детска градинка во населба Сењак, а исто така и десет детски игралишта со справи за деца на десет локации во Штип. Ќе има четири пати повеќе средства за рекреација и спорт на учениците од основните и средните училишта во нашиот град. Средствата за невладини организации се речиси двојно зголемени - напомена градоначалникот на Штип, Благој Бочварски. Во 2018 година, предвидено е во Општина Штип да се реализираат мноштво други проекти, меѓу кои: изградба на стационар за бездомни животни, реконструкција на трибини на градскиот стадион, реконструкција на крстосницата во населба Сењак, изградба на мал затворен базен во соработка со Агенција за млади и спорт, енергетски ефикасно улично осветлување и друго.
|