Отчет на градоначалникот на Штип, прим.м-р Илчо Захариев за неговиот мандат 2013 - 2017 година: Зад мене оставам над 400 проекти и успешна општина ! |
Понеделник, 30 Јануари 2017 14:58 | |
Градоначалникот на Штип, прим.м-р Илчо Захариев денес даде отчет за својот мандат , најавувајќи и дел од проектите кои ќе се реализираат во текот на преостанатите месеци. Како што кажа, горд е на успесите и на трагата што ја остава зад себе со над 400 реализирани проекти, иако довербата ја доби со вкупно ветени 129 проекти: - За време на мојот мандат, не ја задолжив општината и голем дел од долговите се подмирени. На пример, долгот по основ на превоз за учениците од 600.000 евра е намален на 200.000 евра а успеав да реализирам над 400 проекти. Сто тоа е резултат на одговорното однесување и на штедењето. Меѓународните обврски како што е долгот кон ЕБОР е подмирен, со исклучок на каматите а тенденцијата ќе биде на идниот градоначалник да му оставам одлична финансиска состојба - кажа градоначалникот Захариев. Набројувајќи дел од проектите тој кажа дека Штип доби ново корито на реката Отиња кое се претвори во пријатно место за уживање и прошетка. Штип доби и нов мултимедијален центар од кој 60% од средствата обезбеди општината а реконструиран е и Дом на млади по четири децении. Захариев напомена дека во поглед на инфраструктурата, асфалтирани се над 140 улици, и дека подеднакво се инвестирало и во селата и во градот. Само во Овчеполскиот регион се инвестирани околу 1 милион евра а некои села добија пат по повеќе од пет децении како што е Пухче, Горачино, Сарчиево, Суво грло како и улици низ селата во Лесковица, Долани, Драгоево, Селце, Врсаково, и многу други. - Треба многу време да се набројат сите улици кои ги направивме во градот, но еве за пример, ја направивме комплицираната улица „Вардарска“ која со децении беше ставана во програма за работа но не беше реализирани. Ние успеавме да ја направиме, но работата не е завршена бидејќи до крајот на мандатот ќе се направат уште 15.тина улици за кои тендерите се завршени, додаде Захариев. Според него, направена е канализација во Балканска, Чардаклија, Македонка и 80% во Караорман, приклучени се на водоводот многу наслеби и приградски средини кои со децении немаа можност за тоа. Од областа на спортот, според градоначалникот реализирани се над 20 спортски игралишта во сите населби, а со Агенцијата за млади и спорт се направени две мултифункционални игралиште и 4 тениски терени, вклучително и фитнес парк кој ќе се збогати и со кошаркарско игралиште и скејт-парк. Реконструиран е теренот на градскиот стадион, поставени се осум рефлектори во соработка со ФФМ, асфалтирана е атлетската патека а во тек е тендер за покривање на едната трибина, додека добивме и стадион со вештачка трева. Проекти се завршени во културата, имаме успешни „Макфест“ и „Пастрмалијада„ како и Штипско културно лето а обновени се и стари куќи во Ново Село, добивме и музеј на револуционерната борба како и 14 цркви кои се завршени или се градат со различна поддршка. - Еден од најдобрите проекти е патеката зад Исарот, луѓето за прв пат видоа како изгледа зад Исарот а лани завршивме и втор дел од патеката до населба Балканска. Секогаш кога поминувам имам позитивни рекации од штипјани за ваквото шеталиште и нашата заложба е да се продолжи велосипедската и пешачка патека до населба Караорман - кажа Захариев. Тој најави уште проекти имајќи во предвид дека има уште немолку месеци од мандатот. Најави нов мост преку Брегалница и улица која ќе ги поврзе индустриската зона и улицата Борис Крајгер со што Штип ќе добие прва алтернативна обиколница, 1 милион евра за нова водоводна линија од филтер станицата, проект за изградба на нова детска градинка како и уредување на коритото на река Брегалница од 8.ноември до бањата Кежовица. Кога сме кај бањата, ЈП „Исар“ ги реконструираше машкото одделение и тушевите како и капацитетите за сместување. Планирани се и нови проекти за пат до селата Почивало, Бучим, Липов Дол, Горачино-Танатарци, Степанци и Доброшани и пат до село Кошево. Во градот ќе се асфалтираат „Страшо Пинџур“, „Кирил Пејчиновиќ„, „Крушевска република“, “Љубен Иванов“, „Кочо Рацина“ и уште десетина други. Захариев воедно ги спомена и државните проекти преку Владата на РМ, како што се патот до Миладиновци, прв по повеќе од пет децении, ТИР зоната со три странски фабрики, Клиничката болница која се гради, гасификацијата и секако двата нови автопати до Радовиш и Кочани кои се нови инвестиции во патната инфраструктура. При тоа нагласи дека и во оопштинските индустриски зони имаме нови фабрики како што е „Актива аутомотив“ и „Семак фешан“ за што кажа дека е успех на самата бизнис заедница во градот. - Јас не конкурирав за втор мандат и сметам дека и за еден, направив многу повеќе. Сметам дека човек не треба да се врзува за функцијата и треба да остави трага зад себе. Функцијата е минлива работа. Во овој момент можам да кажам дека сум горд од она што го оставам зад себе, над 400 проекти кои верувам штипјани ќе ги ценат и ќе им донесат бенефит во животот. За мене сите луѓе беа исти, и оние од селата и оние од градот. Подршката е голема од штипјани и знам дека го респектираат моето вложување, бидејќи во локалната самоуправа сум 6 години, од кои 4 како градоначалник и претходно две години како претседател на советот. Работев домаќински и затоа вративме многу долгови а направивме и многу корисни работи. Мојата професија, како фармацевт ми нуди нови предизвици - напоемна Захариев. Тој додаде дека и како градоначалник останал во контакт со сите штипјани и пошироко кои сакале да добијат професионален совет од неговата струка и дека останува отворен за соработка. Според Захариев, со овие проекти, Штип си го врати епитетот центар на Истокот. Секако, како што кажа, има и незадоволни кои сметаат дека ништо не е направено, но тие се само мал дел, додека мнозинството граѓани го делат неговиот став дека Штип изминатите 4 години беше вистинско градилиште. Захариев им се заблагодари и на новинарите за соработката напоменувајќи дека тие известуваа коректно за сите негови проекти запознавајќи ги граѓаните и јавноста за активностите на локалната самоуправа и на градоначалникот. Сите проекти наксоро ќе бидат публикувани во печатено издание.
|