Oбичајот „Четрсе“ на листата на УНЕСКО |
Националната комисија на УНЕСКО го одбележа воведувањето на првото добро од Македонија на репрезентативната листа на светското нематеријално културно наследство на УНЕСКО - ритуалот „Четрсе“. Апликацијата беше поднесена во 2011 година, а прогласувањето за време на конференција во Баку (2-7 декември 2013).
Се работи за уникатен и вековен обичај во Штип, кој се практикува на верскиот празник Св. 40 Маченици на 22 март, кога луѓе од сите генерации го искачуваат стрмниот Исар, попатно се поздравуваат со најмалку 40 луѓе. Младите собираат и 40 камчиња, 39 ги фрлаат во Брегалница, а едно оставаат под перница зашто, според верувањето, ќе го сонат животниот сопатник.
Генералниот секретар на Националната комисија на УНЕСКО Лидија Топузовска истакна дека Македонија има бројни нематеријални културни добра и очекува дека „Четрсе“ ќе го отвори патот и за другите две апликации поднесени во 2011 година - машкото соборско оро „Копачка“ од делчевско Драмче кое, исто така, е во трка за влез на репрезентативната листа, и долнополошкото двогласно машко пеење „Гласоечко“ кое аплицира за актуелната листа - за ургентна помош на добра кои се во опасност од згаснување.
- Нематеријалното културното наследство во Македонија се негува со векови и се пренесува со генерации. Таа претставува милје на богат извор на најразлични форми на изразување и практикување на нематеријалното културно наследство. Ова е голема чест, привилегија, но и обврска за нас, да се најдеме на листата на УНЕСКО како ремек-дело и универзална вредност што сега, по впишувањето, официјално станува дел од светското нематеријално културно наследство - рече Топузовска.
Сертификатот за впишувањето на „Четрсе“, потпишан од генералниот директор на УНЕСКО Ирина Бокова, таа му го врачи на штипскиот градоначалник Илчо Захариев, кој рече дека Штип е град со историја и фантастична култура, град на христијанството, младоста и убавината, родно место на значајни личности, па поради тоа не е случајно што токму од него е впишано првото македонско културно добро на листата на светската организација.
Апликацијата беше подготвена во соработка со Општина Штип и со помош на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, чиј директор, етнологот Зоранчо Малинов, истакна дека е горд зашто е штипјанец кој и самиот го практикувл обичајот и зашто првото добро од Македонија е заштитено во неговиот директорски мандат.
Ивона Опетчевска-Татарчевска и Велика Стојкова-Серафимовска ги пренесоа впечатоците од прогласувањето во Баку, информираа за сложениот процес на аплицирање, кој подразбира архивирање и научно документирање, пополнување специфични формулари со стриктни прашања, како и критериумите кои секоја година се заоструваат.
- Значењето на овие добра е големо, иако не можат да се видат. Тие траат од времето кога почнува создавањето на културните идентитети. Впишувањето на „Четрсе“ е историски чин со кој УНЕСКО ја признава македонската култура и идентитет, што е особено значајно во овие времиња. Ова донесува многу бенефити и е можност за Штип да се брендира - истакна Стојкова-Серафимовска, истражувач во Институтот за фолклор.
Конвенцијата на УНЕСКО за заштита, афирмација и промоција на нематеријалното културно наследство е донесена во 2003 година, а Македонија е меѓу 30-те земји кои први ја ратификуваа. Сега има 157 земји-членки.
|